Aşkın Kıyağan
17 Јуни 2018•Ажурирај: 18 Јуни 2018
ВИЕНА (АА) - Австрискиот претседател Александер ван дер Белен изјави дека наводите за Германската разузнавачка служба (BND) дека во периодот од 1999 до 2006 година шпионирала повеќе правни и физички лица во Австрија, мора детално да се истражат и расветлат, јавува Anadolu Agency (AA).
„Шпионирањето меѓу пријателските држави е непожелно и неприфатливо. Германската Влада мора јасно да одговори на некои прашања“, порача Ван дер Белен на заедничката прес-конференција со австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Во медиумските извештаи за активностите на BND во Австрија, претседателот на оваа алпска држава, Ван дер Белен, предупреди дека таквите активности додатно ја рушат меѓусебната доверба и односите во ЕУ.
Потсетувајќи на наводите дека Германската разузнавачка служба прислушкувалa повеќе од 2.000 лица и институции, Ван дер Белен изјави дека Германија мора итно да даде изјава за тоа и да кажe дали е вистина и дали таа неприфатлива пракса трае и понатаму.
И австрискиот канцелар Курц изјави дека тоа не е првпат Германија да се обвинува за шпионирање во Австрија, но дека ни претходните случаи не се расветлени поради несоработувањето на германските институции.
„Шпионажата не е нешто што го прават пријателските земји. Германија мора да работи на расветлувањето на овој случај“, порача Курц.
Наводите за германската шпионажа во Австрија ги објави весникот „Дер стандард“ (Der Standard), кој тврди дека Разузнавачката служба прислушкувала телефонски разговори, ги следела факсимилите и комуникацијата на австриските државјани и службениците на мобилните уреди.
Меѓу наводно прислушкуваните се наоѓаат и најмалку 75 амбасадори во Виена, вклучувајќи ги амбасадорите на САД, Иран, Израел и Северна Кореја.
Слични тврдења три години претходно објави и германскиот весник „Дер шпигел“ (Der Spiegel).