ТЕХЕРАН (АА) - МУХАМЕД КУРШУН -
Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Техеран, која беше окупирана на 4 ноември 1979 година по револуцијата предводена од ајатолахот Хомеини во Иран, денес служи како музеј.
Екипата на Агенција Анадолија (АА) ги сними трагите од окупацијата, која е забележана како еден од најважните настани во историјата на светската дипломатија.
Sидовите на внатрешноста на зградата на Амбасадата се преполни со слогани против САД.

За време на окупацијата на Амбасадата, со која започна дипломатската криза меѓу Иран и САД, 52 дипломати 444 дена беа држени како заложници во оваа зграда.
Подрачјето на Амбасадата беше предадено на Армијата на Револуционерната гарда по окупацијата.
Амбасадата на САД се простира на површина од вкупно 50 илјади квадратни метри. Само главната зграда е претворена во музеј во 2016 година. Музејот, кој може да го посетат само домашни и странски гости, повеќе од една година е затворен поради поправки и реновирање.
- Зградата на Амбасадата сведок на историјата -
Посетителите, како дел од музејот можат да ја видат главната зграда каде што бил сместен американскиот амбасадор пред Амбасадата да биде окупирана. Другите делови од Амбасадата продолжуваат да се користат од Армијата на Револуционерната гарда.

Повеќето од материјалите што се користат во Амбасадата во Иран, за која се наведува дека е изградена пред околу 80 години за време на владеењето на Шах, се од американско потекло. Се внимавало челичните врати, бравите, електронските уреди и други материјали да бидат донесени од САД.
Во главната зграда, која е претворена во музеј и е дозволена за посета, се наоѓаат просторијата на Амбасадата, работните места на дипломатите, архива, просторија за уништување, комуникациски простории и простории за шифрирање/дешифрирање.
„Транспарентната просторија“, каде што се одржуваат тајни состаноци на вториот кат е еден од впечатливите делови на зградата. Собата се опишува како транспарентна бидејќи е направена од проѕирен пластичен материјал.

- Траги од разузнавачки војни меѓу САД и Советскиот Сојуз -
Окупацијата на Амбасадата се совпадна со периодот на Студената војна меѓу САД и Советскиот Сојуз. Во тоа време се водеше постојана разузнавачка војна меѓу двете страни. Уредите што се користат во Амбасадата за испраќање шифрирани пораки и дешифрирање на дојдовните шифрирани пораки носат траги од тогашните разузнавачки војни.
Компјутерот, телефонот, визит-картичките, кабинетите за документи, фиоките и белешките на бирото на амбасадорот од тој период обезбедуваат архивски информации за имињата на улиците, болниците, поштите и плоштадите кои му припаѓале на Иран пред револуцијата.
- Според Иран, Амбасадата била користена за шпионски активности -
Се издвојуваат машини за пишување, машини за печатење и алати за сечење. Иранските власти овој дел го нарекуваат место каде што се „вршени шпионски активности“.
Надлежните од музејот тврдат дека во овој дел се подготвувале лажни пасоши и документи за вршење на шпионски активности.
Според иранските власти, машините што се користат за уништување на хартија, електрични и електронски материјали во просторијата обезбедуваат докази за „тајна работа“ која била вршена таму.
Според раскажувањата на службените лица на музејот, тие што ја окупирале Амбасадата не можеле да го отворат челичниот сеф за документи во архивскиот дел, затоа донеле ковач од градот и го отвориле сефот.

- На ѕидовите има слогани „Поздрав до Хомеини“ -
Оние кои се нарекуваат „ученици на имамот“ ја окупирале Амбасадата и на ѕидовите напишале антиамерикански слогани во корист на револуционерниот водач Хомеини.
На вториот кат од зградата напишани се слогани од видот „Шпионското гнездо мора да се затвори и поздрав до Хомеини“.
Трагите од куршуми откриени на надворешниот ѕид на зградата се од нападот на левичарските групи кои сакале да ја заземат Амбасадата пред окупацијата на 4 ноември.
Џими Картер, тогашниот американски претседател, откако Амбасадата беше окупирана, нареди операција за спасување на заложниците со користење на воениот брод „УСС Нимиц“ (CVN-68) и на други воени бродови на Американската армија кои патролираат во водите близу Заливот.
Во градината на музејот се изложени и делови од американскиот хеликоптер, кој беше користен за време на операцијата нарачана од Картер и која падна во областа Тебес во државата Јужен Хорасан.