Elena Teslova
20 Септември 2023•Ажурирај: 21 Септември 2023
МОСКВА (АА) - Азербејџанското Министерство за одбрана соопшти дека е постигнат договор за прекин на антитерористичките активности во Карабах од 13 часот по локално време денес, јавува Анадолу.
„Имајќи го предвид барањето на претставниците на ерменските жители на Карабах преку рускиот мировен контингент, на 20 септември 2023 година во 13 часот беше постигнат договор за прекин на локалните антитерористички мерки“, се вели во соопштението на Министерството.
Од Министерството се додава дека ерменските вооружени групи лоцирани во регионот на Карабах мора да го положат оружјето, да ги напуштат борбените позиции, целосно да се разоружат и да ја напуштат територијата на Азербејџан.
Паралелно, целото нивно оружје и тешка опрема треба да бидат отстранети од Карабах.
Сите процеси треба да се спроведат во координација со руската мировна мисија, се наведува во соопштението.
Исто така, администрацијата на азербејџанскиот претседател објави дека претседателот Илхам Алиев ќе се состане со претставници на ерменската заедница во Карабах во градот Јевлак утре (21 септември) за разговори за процесите на реинтеграција.