Ahmet Salih Alacacı
08 Ноември 2018•Ажурирај: 10 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Новиот специјален пратеник на Вашингтон за Сирија и поранешен амбасадор во Анкара ги разби надежите за оддалечување на Соединетите Американски Држави (САД) од терористичката организација ЈПГ/ПКК во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
И покрај тоа што претходно беше познат по неговите критики за поддршката на Вашингтон за терористичката организација, Џејмс Џефри денес преку телеконференција изјави дека американскиот став за ПКК е јасен, и дека според тоа ЈПГ не е класифицирана како терористичка организација, како што е ПКК.
Како амбасадор во Анкара во периодот од 2008 до 2010 година, Џефри за АА во месец март изјави дека ПЈД и ЈПГ се недвојбено поврзани со ПКК.
До скоро, Брет Мекгурк, специјалниот претставник на претседателот Доналд Трамп во глобалната коалиција за борба против ДЕАШ, се занимаваше со ставот на САД кон ЈПГ/ПКК.
Активностите на Мекгурк преку борбата против ДЕАШ, всушност доведоа до тоа ЈПГ/ПКК да се прошири во Сирија. Тој ја посети северна Сирија неколкупати, при што е фотографиран заедно со високи припадници на терористичката организација.
Со назначувањето на Џефри во август 2018 година, се зголемија очекувањата за прекин на поддршката на ЈПГ/ПКК под плаштот на т.н. Сириски демократски сили (SDG), при неговата посета на Блискиот Исток (при која ги посети и Јордан и Израел).
Специјалниот претставник оттогаш не успеа да се оттргне од актуелната политика бидејќи претставниците од Вашингтон продолжија со редовните посети на окупираните територии од ЈПГ/ПКК.
САД ги поздравија милионите долари поддршка за терористичката организација од трети страни, како што е Саудиска Арабија.
И самиот Џефри минатиот месец го посети градот Мунбич во североисточна Сирија, кој е под окупација на ЈПГ/ПКК.
Како одговор на неговите коментари, портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, вчера изјави дека напорите на САД да ги окарактеризираат ЈПГ и нејзиното политичко крило ПЈД како легитимни групи кои не се поврзани со тероризмот и со ПКК, се залудни.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои жени и деца. ЈПГ е нејзин сириски огранок.