Serdar Dincel
16 Јуни 2026•Ажурирано: 16 Јуни 2026
Специјалниот претставник на САД за Ирак и Сирија, Том Барак, и ирачкиот премиер Али ал-Заиди разговараа за тековните напори на Багдад за ставање на сето оружје под ексклузивна државна контрола, се наведува во заедничкото соопштение, пренесува Анадолу.
Разговорите се одржаа за време на нивната средба вчера, соопшти денес американската Амбасада во Багдад преку издаденото соопштение.
Се наведува дека на средбата станало збор за заедничката визија и стремеж на ирачката Влада за изградба на посветла иднина, ослободена од тероризам. Исто така, беа разгледани и плановите за разоружување и распуштање на паравоените структури кои дејствуваат надвор од системот, ставање на сето оружје под државна контрола, како и зајакнување на суверенитетот со цел земјата да се заштити од регионалните конфликти.
Премиерот Ал-Заиди и специјалниот претставник Барак ја нагласија итноста за целосно завршување на овие напори.
Официјалните лица ја потврдија и својата посветеност за зајакнување на трговските и инвестициските врски.
Тие ги поздравија чекорите кои вклучуваат лиценца за „Старлинк“, разговорите со „Шеврон“ за големите нафтени полиња, враќањето на американските енергетски компании под безбедносни гаранции, како и плановите со „ТИ Капитал“ за обнова на нафтоводит Киркук – Банијас, се нагласува во соопштението.
Беше истакната и соработката во задоволувањето на енергетските потреби на Ирак, со посебен акцент на проектот за изградба на терминал за увоз на течен природен гас (ТНГ) во пристаништето Хор Зубаир.
Тие ја нагласија важноста од поддршката на „силен, суверен и обединет федерален демократски Ирак, заснован на цврсти уставни институции и обезбедување целосна еднаквост за сите граѓани, на начин што ги зајакнува единството, стабилноста и просперитетот на Ирак“, се вели во соопштението.
„Претседателот Трамп со нетрпение очекува да му посака добредојде на премиерот Ал-Заиди во Белата куќа во средината на јули за да разговараат за иднината на овие важни односи“, пренесе Барак за време на средбата, се додава во соопштението.