Ekip
05 Јули 2021•Ажурирај: 05 Јули 2021
ЧИКАГО
Среде длабоките политички и културолошки поделби, пандемијата на коронавирусот и економските предизвици, Американците вчера го одбележаа 245. Ден на независноста откако минатата година поради пандемијата беа откажани речиси сите прослави, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Врв на празникот Денот на независноста во САД се огнометите, а двете најголеми пиротехнички славења се организирани над паркот „Нешнал мол“ во Вашингтон и на километар и пол оддалеченост од Ист Ривер, на местото што го раздвојува Менхетен од Квинс и Бруклин во Њујорк.
Во Вашингтон илјадници луѓе се собраа за да го набљудуваат 17-минутниот огномет со музика. Спектаклот придонесе и за перформансот на Националниот симфониски оркестар.
Пред тоа, американскиот претседател Џо Бајден беше домаќин на свеченоста во Белата куќа, на која присуствуваа илјадници гости, меѓу кои беа и оние што на првата линија се бореа против пандемијата на Ковид-19.
„Четврти Јули е свет ден на историјата, надеж, сеќавања и одлучност, ветувања и можности“, изјави Бајден.
Тој додаде дека 4 Јули оваа година е ден на посебно славење, бидејќи излегуваат од темнината, годината на пандемијата и изолација, годината на болка, страв и тажни загуби.
Целта на Бајден до неделата да се вакцинираат најмалку 70 отсто од возрасните лица во САД не успеа. Според официјалните податоци, барем со една доза се вакцинирале 67 отсто од возрасното население.
„Имаме многу работа за да го победиме вирусот. Добивме предност над овој вирус. Можеме да се вратиме на животот. Нашата економија се враќа. Америка се враќа“, порача Бајден.
Четврти Јули во САД го слават како Ден на независноста, Ден на настанувањето или како што сакаат да кажат - Ден на раѓањето. Се слави денот кога во 1776 година основачите на денешните американски држави одлучија да го прекинат колонијалниот статус и потчинетите односи со Британското Кралство и да се формира одвоена, независна држава.
Тоа е празник за време на кој Американците ги истакнуваат патриотските чувства и традиционални вредности и учествуваат на голем број паради и фестивали.