Ahmet Dursun
23 Ноември 2019•Ажурирај: 25 Ноември 2019
АНКАРА
Амнести интернешнал соопшти дека на протестите во Иран, кои започнаа како реакција на поскапувањето на цената на бензинот, животот го загубиле најмалку 115 лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Амнести интернешнал преку својот профил на социјалната мрежа Твитер објави дека на демонстрациите кои беа организирани на целата територија на Иран, во знак на протест поради поскапувањето на бензинот, животот го загубиле 115 лица, но можно е бројката на загинати да биде многу поголема од претпоставеното.
Во соопштението се истакнува:
„Според доверливите информации кои постојано ги добиваме, безбедносните сили во Иран незаконски убија најмалку 115 лица. Постои верување дека бројката на убиени е многу поголема и затоа продолжуваме со испитувањата. Ги повикуваме земјите да побараат информации од иранските власти од епилогот во земјата.“
- На извештајот за жртвите, подготвен од Амнести интернешнал, реакција упати Јусуфи, портпаролот на постојаниот претставник на Иран во ОН
Во вторникот Амнести интернешнал објави дека на протестите во Иран, поради реакцијата на безбедносните сили, животот го загубиле најмалку 106 лица.
Во соопштението, посочувајќи на ограничениот број медиуми и забраната за интернет во Иран, се истакнува дека благодарение на информациите до кои е дојдено преку видеоснимки, изјави на очевидци и од страна на активистите надвор од земјата, потврдено е дека демонстрантите се убиени од страна на безбедносните сили.
Реакција на извештајот на Амнести интернешнал за бројот на жртвите упати Али Риза Мир Јусуфи, портпаролот на постојаниот претставник на Иран во ОН.
Јусуфи во изјавата што ја објави на социјалните мрежи, го оцени извештајот како „дел од дезинформациската кампања што се води против Иран“. Тој за извештајот истакна: „Каков било извештај за евентуални жртви, кој не е потврден од страна на власта, е шпекулативен и не е доверив.“
- Покачувањето на цената на бензинот предизвика насилни демонстрации
Иранскиот народ, кој поради американските санкции минува тешки моменти од економски аспект, по трикратното покачување на цената на бензинот излезе на демонстрации во голем број градови низ земјата.
На демонстрациите во голем број градови беа уништени јавни објекти, а администрацијата од Техеран, со цел да не дојде до проширување на демонстрациите, минатата недела го прекина пристапот до интернет. Пред два дена повторно е овозможен ограничен пристапот до интернет.
Иранската власт објави дека на демонстрациите досега животот го загубиле 6 претставници на безбедносните сили и еден демонстрант.