Tufan Aktaş
01 Април 2020•Ажурирај: 02 Април 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - „Амнести интернешнал“ (Amnesty International) тврди дека во воздушните напади на Соединетите Американски Држави (САД) во текот на февруари во Сомалија биле убиени двајца цивили, додека тројца се ранети, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во својот извештај „Амнести интернешнал“ ја обвинува Командата на американските сили во Африка (AFRICOM) за убиство и ранување на цивилите за време на воздушните напади извршени во февруари.
Истакнувајќи дека целта на нападот кој се случи на 2 февруари во Џуба било семејство кое се собрало на трпеза, во извештајот се наведува дека за време на споменатиот напад настрадала 18-годишна девојка, додека ранети биле три лица, меѓу кои и деца.
Во извештајот се спомнува и нападот кој се случил три недели подоцна, во кој настрадал еден работник на „Harmuud Telecom“.
„Тајната воздушна војна на САД во Сомалија продолжува да убива цивили“, се наведува во извештајот, и се додава дека никој не одговара за цивилите кои страдаат во оваа војна.
„Амнести интернешнал“ претходно изјави дека САД напаѓаат цивили, додека од САД ги отфрлија овие тврдења.
Соединетите Американски Држави од почетокот на оваа година извршија над 30 воздушни напади во Сомалија.