Büşra Nur Çakmak
08 Април 2026•Ажурирај: 08 Април 2026
Големо мнозинство Американци сметаат дека причината за актуелниот раст на цените на горива се политиките на претседателот Доналд Трамп, покажува нова анкета, јавува Анадолу.
Анкетата, спроведена од „Навигејтор рисрч“ и објавена денес, покажа дека 87% од Американците велат дека цените се зголемени, додека 60% од нив сметаат дека забележале „драстичен скок“.
Загриженоста е присутна кај сите политички табори, при што 91 % од демократите, 90 % од независните гласачи и 81 % од републиканците пријавиле повисоки трошоци.
Американците во голема мера не го одобруваат начинот на кој Трамп се справува со цените на горивата – 65 % изразиле неодобрување, наспроти 28 % кои одобруваат, што претставува нето-негатива од 37 поени.
Меѓу независните гласачи, неодобрувањето е уште поизразено и изнесува 72 %, во споредба со само 15 % одобрување.
Иако републиканците во целина остануваат со поголема поддршка, анкетата укажува на поделби и внатре во партијата.
Републиканците кои не припаѓаат на движењето „МАГА“ се посклони кон неодобрување, отколку кон поддршка на справувањето на Трамп со цените, а жените републиканци покажуваат послаба поддршка во споредба со мажите републиканци.
Анкетата, исто така, ја посочува војната со Иран како централен фактор за растот на трошоците за гориво.
Околу 71 % од испитаниците го навеле конфликтот како двигател на повисоките цени, што е повеќе од оние кои ги обвинија нафтените компании или само политичките лидери.
Кога станува збор за распределба на одговорноста, 60 % рекле дека Трамп и републиканците во Конгресот се повеќе виновни за растот на цените отколку демократите во Конгресот, додека 16 % ги обвиниле демократите.
Овој јаз дополнително се зголемува кога војната експлицитно се споменува како причина.
На прашањето која партија може подобро да се прави со цените на горивата, Американците се тесно поделени.
Триесет и пет отсто изјавиле дека повеќе им веруваат на демократите, додека 31 % даваат предност на Трамп и републиканците. Повеќе од една четвртина од испитаниците изјавиле дека не му веруваат никому.
Анкетата е спроведена во периодот од 2 до 6 април меѓу 1.000 регистрирани гласачи, со маргина на грешка од плус-минус 3,1 процентни поени, соопштија од „Навигејтор рисрч“.