Mahmut Geldi
11 Јуни 2020•Ажурирај: 13 Јуни 2020
БЕЈРУТ
Заменик-генералниот секретар на Арапската лига, Хусам Зеки, изјави дека во Либија правниот легитимитет ѝ припаѓа на Владата и додаде дека поради договорот што Турција го постигна со оваа влада, нејзиното присуство во Либија се смета за легитимно, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зеки, како официјален претставник на Арапската лига, преку видеолинк учествуваше во програмата на еден египетски ТВ-канал, одговорајќи на прашањата во врска со развојот на настаните во Либија.
Бранејќи го ставот дека во Либија „треба да започне политички процес“, Зеки наведе: „Владата на национално единство на Либија е формирана врз основа на политичкиот Договор „Сухејрат“ потпишан во Мароко.“
Истакнувајќи дека во исто време либиската Влада е легитимен претставник на Либија во Арапската лига, Обединетите нации, Африканската Унија и Организацијата за исламска соработка, Зеки во врска со меѓународната Берлинска конференција организирана во Германија за кризата во Либија, рече:
„Таму не беше постигнат посакуваниот напредок, а подоцна една од страните [Владата] постигна воена победа. Дојде време кога треба да ги донесеме и двете страни на едно место за да прифатат мирно решение.“
По изјавата на телевизискиот водител дека присуството на Турција во Либија претставува „окупација“, заменик-генералниот секретар на Арапската лига, Хусам Зеки, истакна: „Турските сили стапнаа на територијата на Либија по договорот постигнат со легитимната Влада. Поради тоа, присуството на Турција во Либија не е исто како присуството во Сирија. Исто така, присуството на Русија во Сирија е резултат на постигнатиот договор со режимот на Башар ал Асад.“