Ayhan Şimşek
21 Септември 2016•Ажурирај: 22 Септември 2016
БЕРЛИН (АА) - Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселброн, верува дека Турција и ЕУ можат да ги решат разликите во врска со планираниот режим за визна либерализација во наредните месеци, јавува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за германскиот Весник „Дие велт“, Аселборн денес изјави дека сите точки на несогласување за режимот на визна либерализација – кои неодамна ги заладија разговорите меѓу ЕУ и Турција, како и разликите во Законот за борба против тероризмот, можат да бидат решени.
„Доколку ситуацијата во Турција се смири повторно и Турција покаже волја да се согласи со Советот на Европа, верувам дека решението за Законот за борба против тероризмот ќе биде пронајдено до крајот на оваа година или на почетокот на 2017 година“, рече тој.
Визната либерализација беше едно од клучните ветувања на ЕУ како дел од договорот постигнат во март за подобрување на соработката меѓу ЕУ и Турција, за справување со бегалската криза и забрзување на разговорите на Турција за членство во ЕУ.
Но, неуспешниот обид за државен удар на 15 јули во Турција и прогласувањето на тримесечната вонредна состојба како последица од настаните во Анкара доведоа до несигурност за иднината на овие разговори.
ЕУ постојано ја повикува Анкара да го почитува владеењето на правото во текот на истрагата за обидот за државен удар.
Турските официјални лица ја критикуваа ЕУ за неуспехот да покаже солидарност со турскиот народ против обидот за државен удар извршен од страна на припадници на терористичката организација ФЕТО.
Аселборн ја призна погрешната процена на ЕУ за состојбата по обидот за државен удар во Турција.
„Не ја увидовме целосно длабочината на оваа рана“, вели тој, осврнувајќи се на недоволното разбирање на Европа во врска со големите јавни демонстрации на турскиот народ против пучистите.
„Народот кој излезе на улиците против обидот за удар исто така демонстрираше за демократија. На некој начин, го потценивме тоа“, изјави тој.
Аселборн повика на обновување на врските на Турција и ЕУ, нагласувајќи ја стратешката важност на Турција за блокот од 28 земји-членки.
„Европската Унија ќе има поголема тежина во светската политика со европска Турција. Покрај тоа, ние ќе покажеме дека муслиманската земја може исто така да стане член од Унијата“, рече тој.