Amina Zorniç
07 Ноември 2016•Ажурирај: 08 Ноември 2016
ЛОНДОН (АА) - Книгата со ракописи на најголемиот европски романсиер Гистав Флобер, оваа недела ќе се најде на аукција во престижната аукциска куќа „Сотбис“ во парискиот хотел „Друо“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Се верува дека книгата, којашто содржи испишани ноти, цртежи и кратки коментари, ќе достигне вредност од 600.000 долари.
Ракописите на Флобер – 277 страници напишани во 1848 година, на неговото патување во Англија со пријателот Максим Ду Камп, се сметаат за „скапоцен камен на аукцијата“ поради својата историска, но и парична вредност.
„Тоа е толку ретка и прекрасна книга. Преку овие ракописи гледаме во ателјето на еден уметник и неговиот процес на создавање, трагање по совршенството“, истакнува Бенуа Форже, експерт од француската аукциска куќа, пренесува британскиот весник „Гардијан“.
Врз основа на ракописите, смета Форже, видливо е дека францускиот писател бил постојано незадоволен со напишаното и постојано трагал по совршенството во пишувањето и цртањето.
„Оваа книга со ракописи е во потполност спротивна на неговите дела во кои ретко може да се пронајде грешка“, вели Форже.
Флобер, кој живеел во периодот 1821 – 1880, е најпознат по својот роман „Мадам Бовари“, кој се смета за ремек-дело на реализмот. Во светската книжевност Флобер се издвоил со специфичниот стил, бидејќи во текст од 2.000 зборови, ниеднаш не повторил ист збор.
Неговите ракописи се наоѓаат меѓу илјадници оригинални трудови, први изданија и писма земени од приватната библиотека на францускиот бизнисмен Пјер Берже, кој во светската јавност е познат како партнер на славниот француски дизајнер Ив Сен Лорен и коосновач на модната куќа „ИСЛ“.
Берже претходно продал дел од уметничката колекција од приватната библиотека, која на аукција достигнала цена од 12 милиони евра.
Оваа недела, во парискиот хотел „Друо“, познат по оддржувањата аукции, ќе бидат понудени 367 уметнички дела што датираат од 19. век и се однесуваат на европската книжевност.
Некои ракописи настанале помеѓу 1780 и 1900 година, а нивните автори се дел од руската, германската, англиската, италијанската и француската книжевност.
Покрај останатите, во колекцијата се и првите изданија на германскиот писател и мислител, Јохан Волфганг фон Гете, песните на англискиот романтичар Вилијам Вордсворт од 1807 година, како и оригинаното издание на бајките на најславниот писател на бајки, Ханс Кристијан Андерсен.
Исто така, на аукцијата се понудени и делата на францускиот писател Оноре де Балзак, а вредноста на неговите ракописи е проценета на 80.000 евра, додека на 40.000 евра се проценети оригиналните ракописи на „Тројцата мускетари“, на авторот Александар Дима од 1844 година.