Muhammet Nazım Taşçı
22 Октомври 2019•Ажурирај: 24 Октомври 2019
КОКС БАЗАР (АА) - Владата на Бангладеш планира 100.000 аракански муслимани од камповите долж границата со Мјанмар да ги префрли на остров во Бенгалскиот Залив, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претставникот на Владата во Кокс Базар, Кемал Хусеин, рече дека веќе се евидентирани 100 семејства кои сакаат да се преселат на островот.
Истакнувајќи дека сакаат процесот на преселување да го започнат на крајот на ноември или почетокот на декември, Хусеин рече дека постепено 100.000 аракански муслимани ќе бидат префрлени на островот.
Премиерката на Бангладеш, Шеик Хасина, нареди изградба на инфраструктура, вклучувајќи куќи, училишта, џамии на островот на кој ќе се преселат араканските муслимани.
- Етничкото чистење на араканските муслимани -
Во 2012 година во мјанмарската држава Аракан настанаа судири меѓу будистите и муслиманите, во кои илјадници лица беа масакрирани, од кои повеќето муслимани, а беа запалени стотици куќи и деловни простории.
Мјанмарската војска и будистите националисти започнаа со масовни насилства, а како образложение за тоа ги наведоа истовремените напади извршени на 25 август 2017 година врз граничните полициски станици во Аракан.
Податоците на Обединетите нации (ОН) покажуваат дека од 25 август 2017 година, од притисоците и суровоста во Аракан, во Бангладеш побегнале над 745 илјади лица. Сателитските снимки на меѓународните организации за заштита на човековите права покажаа дека се уништени неколку стотици села.
Бангладеш се откажа од спроведување на Договорот кој го постигна со Мјанмар за враќање на араканските бегалци кои се наоѓаат во Бангладеш.
Мјанмарската Влада го ограничува влезот на меѓународните медиуми и хуманитарните организации во Аракан. Мјанмарската Влада не ги исполни ветувањата кои се однесуваат на враќањето на араканските муслимани во земјата.
ОН и меѓународните организации за заштита на човековите права, насилството врз муслиманите од Аракан го нарекоа етничко чистење или геноцид.
Организациите за човекови права се загрижени дека враќањето на араканските муслимани во Мјанмар, без претходно да се осигура безбедна средина, ќе предизвика ново етничко чистење.