İdris Okuducu
22 Јуни 2019•Ажурирај: 23 Јуни 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - ИДРИС ОКУДУЏУ -
Претседателот на Регионалната курдска управа во северен Ирак, Нечирван Барзани, реализирајќи ја во Турција својата прва посета во странство по неговото избирање за претседател, истакна дека ќе започне нов процес што се однесува до односите меѓу Турција и Ирак.
Барзани во разговор за Anadolu Agency (АА) говореше за неговата средба затворена за медиумите, со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Барзани укажа на важноста што неговата прва посета во странство по избирањето за претседател на оваа управа на 10 јуни, ја реализирал во Турција, изразувајќи задоволство од неговата средба со Ердоган.
„Го изразувам задоволството од мојата средба со претседателот Реџеп Таип Ердоган. Остваривме долга средба за развојот на нашите односи. На средбата детално разговаравме за темите кои се важни за двете страни. Според мене, ќе започне нов процес во односите меѓу Турција и Ирак, како и во нашиот регион. Посакувам мојата посета да биде инструмент за развојот на нашите односи“, рече Барзани во врска со деталите на средбата.
Барзани нагласи дека смета дека ќе биде многу важен чекор доколку Ердоган би го посетил Ирак.
- „Турција беше до нас во сите тешки процеси“
Според него, меѓу Анкара и Ербил постои историска пријателска врска. „Турција во секој тежок процес му помагаше на нашиот народ. Ја повторивме нашата благодарност до почитуваниот претседател и до народот на Турција за оваа помош“, додаде Барзани.
Што се однесува до трговските односи меѓу Ирак и Турција, запрашан каква улога ќе игра Регионалната курдска управа во северен Ирак во зголемувањето на трговскиот обем, Барзани рече:
„Улогата на нашиот регион е многу важна. Се наоѓа на границата меѓу Турција и Ирак. Регионот Курдистан моментално има подобри односи со Багдад во споредба со претходно. Постоечкиот трговски обем меѓу Турција и Ирак изнесува околу 13 милијарди долари. На нашиот состанок со претседателот повторно беше разговарано за зголемување на трговскиот обем, како и за чекорите кои се потребни да се преземат, со цел тоа да успее. Видовме дека претседателот има желба во оваа насока и дека очекува со Ирак да се постигне брз напредок во насока на зголемување на трговскиот обем.“
Барзани се осврна на улогата на Регионалната курдска управа во северен Ирак во трговијата со нафта меѓу Турција и Ирак, и рече дека сакаат да го зголемат капацитетот на постоечкиот нафтовод, со цел во иднина да се извезува повеќе нафта.
- Несогласувањето во врска со нафтата меѓу Багдад и Ербил
Потсетувајќи се на изјавите на премиерот на Ирак, Адил Абдулмехди, кој нагласи дека Багдад не добил приходи за ниту еден барел за нафта како возврат за буџетот испратен на почетокот на месецот до Регионалната курдска управа во северен Ирак, Барзани рече дека тоа се наоѓа на врвот на прашањата за кои треба да се седне и да се дискутира.
„Во принцип, не гледаме некој проблем на Багдад да му се предадат 250.000 барели сурова нафта. Но за да се случи тоа, најпрвин треба да се состанеме. Пред да дојдам тука, бев во Багдад. На нашата средба со ирачкиот премиер Адил Абдулмехди беше актуализирана оваа тема. Прашањето не е за тоа да се предадат 250.000 барели. Оваа работа има и легална димензија. Нашиот регион има долгови од големи суми, откако буџетот беше прекинат во 2014 година. За сето тоа треба да се разговара и да се најде решение. Решението треба да се постигне со согласноста и на регионот Курдистан и на Багдад. Регионот Курдистан е подготвен да го поддржи Багдад во наоѓање заедничко решение со Ирак“, истакна тој во врска со несогласувањето за нафтата меѓу двете страни.
- „Не треба да ѝ се нанесе штета на ниту една земја преку териториите на Ирак“
Запрашан како врз Регионалната курдска управа во северен Ирак би влијаела тензијата која се случува во последниот период меѓу САД и Иран, Барзани истакна: „Се надеваме дека нема да се претвори во војна. Во оваа насока сме во целосна солидарност со Багдад. Нашата политика е во насока на тоа дека не треба да ѝ се нанесе штета на ниту една земја преку териториите на Ирак. Во можна војна или проблем, ќе се обидеме да го заштитиме целиот Ирак.“
- „Не е прифатливо ПКК да им нанесе штета на нашите соседи“
Барзани се осврна и на присуството на терористичката организација ПКК во ирачките подрачја на Синџар и Махмур, како и во приграничните подрачја.
„Вистинската причина за тоа што се реализираат воени операции во регионот Курдистан е присуството на ПКК таму. Во принцип сме против тоа нашите територии да се искористат против кој било сосед, особено против Турција“, додаде Барзани.
„Во многу тешки услови Турција ни помагаше. Постигнати се многу добри придобивки меѓу Турција и регионот Курдистан. Воопшто не е прифатливо ПКК или која било вооружена група да предизвика проблем за нашите соседи. Нашата политика за ова прашање беше јасна и претходно, и така ќе продолжи. [ПКК] Беше причина за напуштање на над 500 наши села во регионот, и предизвика големи проблеми. Нашата политика како регион Курдистан е да имаме добри односи со нашите соседи“, додаде во изјава за АА, Нечирван Барзани, претседател на Регионалната курдска управа во северен Ирак.