ВАШИНГТОН (АА)
- Дилдар БАЈКАН
Претседателот на САД, Џо Бајден, во рамките на програмата за првата странска посета откако стапи на функцијата, од 9 до 16 јуни ќе престојува во посета на Велика Британија, Белгија и Швајцарија. Планирано е за време на самитот на НАТО на 14 јуни да се состане со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Бајден започна да ја извршува должноста претседател на САД на 20 јануари, а денес со сопругата Џил Бајден требаше да отпатува од Вашингтон.
Бајден, кој го застапува ставот дека „САД се вратиле на маса“ кога е во прашање надворешната политика, на 10 јуни би требало да ја започне официјалната посета, а се очекува дека ќе се разговара за повторно воспоставување на партнерството, заживување на трансатлантските односи, борбата против глобалните проблеми и мултилатералната соработка со партнерите.
Портпаролката на Белата куќа, Јен Псаки, на 3 јуни соопшти дека Бајден на 10 јуни ќе се состане со британскиот премиер Борис Џонсон.
„Бајден во таа прилика ќе го нагласи важниот посебен однос на САД и Велика Британија“, речено е тогаш.
- Ќе присуствува на самитот на Г7-групата
Американскиот претседател, Џо Бајден, ќе присуствува на самитот на лидерите на Г7, што од 11 до 13 јуни ќе биде одржан во Корнвел во Велика Британија.
Се очекува дека Бајден на самитот Г7 ќе зборува и за мултилатералната поврзаност на САД, економското закрепнување, климатските промени, но и за политичките теми, како и за прашањата што се однесуваат на заедничките вредности.
За време на самитот Бајден би требало да одржи низа состаноци со лидерите на земјите Г7.
Американскиот претседател и неговата сопруга на 13 јуни во палатата „Винздор“ би требало да се состанат со кралицата Елизабета II. По таа средба, сопругата на Бајден би требало да се врати во САД.
- Посета на Брисел
По посетата на Велика Британија, Џо Бајден на 13 јуни би требало да отпатува во Брисел, каде што на 14 јуни ќе биде организиран самитот на НАТО.
Се очекува во таа прилика да зборува за посветеноста на САД во НАТО, трансатлантската безбедност и за колективната одбрана.
Бајден за време на самитот на НАТО би требало да се состане и со турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган. Ова ќе биде првата средба лице в лице откако Бајден е именуван за претседател, а се очекува дека ќе биде разговарано за низа билатерални и регионални прашања.
Советникот за национална безбедност на САД, Џејк Суливан, во Белата куќа изјави дека меѓу темите ќе се најде Источниот Медитеран, случувањата во Сирија, Иран, Авганистан и човековите права.
Суливан во таа прилика изјави дека Бајден многу добро го познава Ердоган и дека тие двајца многу време поминале заедно.
„Бајден и Ердоган со нетрпение очекуваат можност за анализирање на сите димензии на односите на двете земји“, изјави Суливан.
- Самитот на САД и ЕУ е планиран за 15 јуни
Бајден ќе учествува и на Самитот САД - Европска Унија (ЕУ), што на 15 јуни ќе биде одржан во Брисел. Се очекува Бајден во таа прилика уште еднаш да упати поддршка на САД за трансатлантското партнерство базирано на заедничките интереси и вредности.
На споменатиот самит би требало да се разговара за глобалната безбедност на здравјето, поттикнувањето на глобалното економско закрепнување, борбата против климатските промени, дигиталната и трговска соработка, јакнење на демократијата и за многу други прашања.
Бајден за време на посетата на Белгија ќе се состане со кралот на Белгија, Филипе, и со премиерот Александар де Крум.
- Состанок со Путин во Женева
Последниот ден од програмата на посетата на Европа, ќе биде на 16 јуни во Женева, Швајцарија. Бајден ќе се состане со рускиот претседател Владимир Путин.
Се очекува на самитот да се разговара за кибернападите кои потекнуваат од Русија врз американските компании, првенствено за нападите врз компанијата JBS, еден од најголемите произведувачи на месо во САД, како и за „Колонијал пајплајн“ (Colonial Pipeline), најголемиот нафтовод.
На споменатиот самит се очекува Бајден да му ја изрази на Путин својата загриженост за прашањата што се однесуваат на темите како што се човековите права и Украина.
За време на посетата на Швајцарија, Бајден би требало да се состане со претседателот на Швајцарската Конфедерација, Гај Пармелин, и со министерот за надворешни работи на Швајцарија, Игназио Касис.
По завршувањето на посетата на Швајцарија, Бајден би требало да се врати во САД.