Servet Günerigök
17 Февруари 2021•Ажурирај: 17 Февруари 2021
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател, Џо Бајден, изјави дека секој Американец ќе биде во можност да ја прими вакцината против Ковид-19 до крајот на јули, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи во зградата на „Си-ен-ен" (CNN) во Висконсин, Бајден изјави дека само 50 милиони дози вакцина биле достапни кога тој ја презел функцијата претседател на 20 јануари.
„До крајот на јули, ќе имаме 600 милиони дози, доволно да го вакцинираме секој Американец“, додаде Бајден.
Бајден изјави дека до крајот на мај ќе бидат достапни 400 милиони дози вакцина.
На прашањето кога земјата ќе се врати во нормала, Бајден изрази верување дека пандемијата ќе заврши до наредниот Божиќ.
„До наредниот Божиќ, ако даде Бог, мислам дека ќе бидеме во многу поразлични услови отколку што сме сега. Една година отсега, мислам дека значително ќе се намалува социјалното дистанцирање и носењето маска, но не знаеме“, изјави Бајден.
„Од синоќа се дистрибуирани повеќе од 71,6 милиони дози вакцина, а околу 55,2 милиони дози се дадени“, се соопштува од Центарот за контрола и превенција на болести (CDC).
САД се сè уште најтешко погодени од пандемијата на Ковид-19, бидејќи откако за прв пат овој вирус се појави во февруари минатата година заразени беа повеќе од 27,7 милиони лица, а од неговите последици починаа речиси 488.000 лица.