Gülbin Yıldırım
08 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Голем број американски компании, вклучувајќи ги и технолошките гиганти од Силиконската долина, го дигнаа гласот против антиимигрантската политика на американскиот претседател Доналд Трамп, а повеќето од овие компании не би ни постоеле во САД доколку немаше имигранти, јавува Anadolu Agency (AA).
Неодамнешната одлука на американскиот претседател Трамп, со која се забранува влезот во САД за граѓаните од седум претежно муслимански земји предизвика критики во јавноста, а во изминатите неколку дена и негодувања од стопанскиот сектор во САД.
Речиси 100 американски компании, меѓу кои „Епл“, „Гугл“, „и-Беј“, „Фејсбук“ и „Мајкрософт“ потпишаа заедничка изјава во која тврдат дека одлуката за ограничување на влезот во САД за имигрантите претставува грубо кршење на Уставот на оваа земја.
Деловниот интерес е една од главните причини зошто американските компании од сите сектори, од банкарството до одбраната, го кренаа својот глас против антиимигрантската политика на Трамп, а втората причина е фактот што токму имигрантите ги основаа или ги водат поголем дел од тие американски стопански субјекти.
Да беше и претходно, по некоја случајност, во сила забраната на Трамп за влез на сириски имигранти во САД, своевремено не би можел да влезе ни Абдулфетах Џандали, па ниту неговиот син, Стив Џобс во САД не би ја основал компанијата „Епл“.
„Доколку немаше миграции, не ќе постоеше ниту ‘Eпл’“, се зборовите на актуелниот челник на компанијата, Тим Кук.
Доколку зависеше од Трамп, поимот „епл“ и денес во Америка и во светот би претставувал само именка што на англиски јазик значи јаболко, бидејќи веројатно не би постоела компанијата што во последните шест години беше најскап бренд во светот.
На ист начин во САД своевремено не би можел да влезе ниту Иранецот Морад Омидјар, основач на компанијата „и-Беј“.
И Сергеј Брин, кој своевремено дојде во САД од поранешниот Советски Сојуз, го подигна гласот против антиимигрантската политика на Трамп, а ако и тогаш беа затворени границите на САД, денес веројатно не ќе постоеше ниту компанијата „Гугл“.
Актуелниот челник на компанијата „Гугл“, Сундар Пичаи, по потекло од Индија, е еден од речиси 200 имигранти што денес работат во таа компанија.
Прашањето е дали денес би постоел и „Фејсбук“, бидејќи ко-основачот на компанијата, Едуардо Саверин дојде од Бразил, на школување во САД, и таму се запозна со Марк Цукерберг, а плод на нивното пријателство и соработка е споменатата компанија.
„Фејсбук“, исто така, вработува стотици имигранти во САД, а и самиот челник на компанијата Цукерберг и неговата сопруга Присила Чен се едни од противниците на политиката на Трамп за забраната за влез на имигрантите. Г-ѓа Чен е, исто така, дете на имигрантско семејство.
„Боинг“ и „Џенерал динамикс“ се уште две од големиот број американски компании основани од имигранти.
Станува збор за компании што обезбедуваат важни услуги за американските вооружени сили, а основачот на првата, Вилијам Боинг, во САД дошол од Австрија. „Џенерал динамикс“ е основана од страна на Џон Холанд, кој пристигна од Ирска, а Америка и денес се фали со својата прва подморница, која е произведена токму во таа компанија.
Списокот на американски компании без кои би било тешко да се замисли американскиот бизнис сектор е долг, а само некои од нив се „Интел“, „ИБМ“, Банката на Америка, „AT & T“, „ЈуТјуб“, „Јаху“, „Голдман Сакс“, „Тесла“, „Спејсекс“, „Сикорски“ и „Оракл“.