Emel Gözellik
08 Март 2021•Ажурирај: 09 Март 2021
АНКАРА (АА) - Официјален претставник на Белата куќа изјави дека ги предупредиле операторите на компјутерската мрежа од можна закана од кибернапад, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави „Еј-би-си њуз“ (ABC News), официјално лице од Белата куќа соопшти дека по нападот на програмата за електронска пошта на американската технолошка компанија „Мајкрософт“, опасноста сѐ уште продолжува.
Посочувајќи дека новата софтверска надградба на програмата сè уште има сериозни безбедносни празнини, официјалното лице истакна дека мрежните оператори треба сериозно да ја сфатат оваа состојба.
Официјалниот претставник на Белата куќа истакна дека високи претставници на американските безбедносни служби работат на тоа да определат кои се следните чекори што треба да се преземат.
„Си-ен-ен“ (CNN) претходно објави дека администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, формирала работна група против кибернападите.
Компанијата „Мајкрософт“, која минатата недела ја обвини Кина дека извршила кибернапад врз електронската пошта на голем број институции, организации и компании во САД, истакна дека кинеските хакери, кои ги нападнале серверите за е-пошта, се „висококвалификувани лица, со големи знаења, спонзорирани од Владата“.