Şerife Çetin
30 Мај 2018•Ажурирај: 30 Мај 2018
БРИСЕЛ (АА) - Портпаролот на Федералното обвинителство на Белгија, Ерик ван дер Сипт, за вчерашниот напад во белгискиот град Лиеж, во кој се убиени најмалку три лица, изјави дека сите докази докажуваат дека се работи за терористички чин, јавува Anadolu Agency (AA).
Сипт на прес-конференцијата во Брисел потврди дека нападот го извршил белгискиот државјанин Бенџамин Херман, роден во 1987 година.
Тој наведе дека Херман е пуштен на 24 часа од затворот „Marche-en-Famenne“ во кој престојувал, и дека нападот го извршил токму во тој период. Покрената е истрага поврзана за тврдењата дека Херман во периодот од 2016 до 2017 година, стапил во контакт со лица со радикални ставови.
Херман во затворот престојувал поради продажба на наркотици, кражба и напади, а вечерта кога е пуштен од затвор, убил уште едно лице.
„Сите податоци и докази укажуваат дека дошло до терористички напад“, порача Сипт, и додаде дека со истрагата ќе биде утврдено дали некој на Херман му помагал во организацијата.
Херман вчера во утринските часови усмрти двајца полицајци и минувачи.
Обвинителството во Лиеж вчера соопшти дека напаѓачот со нож ранил двајца полицајци и им го одзел оружјето, а потоа со огнено оружје убил двајца полицајци. Потоа усмртил 22-годишно лице кое се наоѓало во возило.
Потоа влегол во средно училиште и зел жена за заложник, по што следела полициска интервенција. Во судирот се повредени двајца полицајци, а напаѓачот е неутрализиран.
Премиерот на Белгија, Шарл Мишел, изрази сочуство до семејствата на загинатите и ранетите и додаде дека во истрагата се вклучени и Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда.