Yusuf Hatip
13 Мај 2019•Ажурирај: 14 Мај 2019
БРИСЕЛ (АА) - Белгиските власти соопштија дека постои можност продажбата на оружје на Саудиска Арабија да се преиспита, пренесува Anadolu Agency (AA).
Белгискиот министер за надворешни работи, Дидиер Рејндерс, во изјавата за државната телевизија РТБФ (RTBF), истакна: „Според мене, ако биде откриено дека (оружјето) се користи во некои конфликтни региони како што е Јемен, би било добро да се прекине продажбата на оружје на Саудиска Арабија“.
Рејндерс истакна дека според белгискиот Устав, можната забрана на продажбата на оружје може да биде донесена од регионалната Влада на регионот во кој се наоѓа компанијата за производство на оружје.
Претседателот на регионот Валонија, Вили Борсус, во изјавата за РТБФ (RTBF) истакна дека ако белгиска компанија продава оружје на други земји спротивно на законите, на таа компанија може дури и „да ѝ се одземе лиценцата“.
Во истражувањето објавено од некои медиуми и невладини организации во Белгија се наведува дека оружјето и воената муниција на Саудиска Арабија увезени од Белгија се користеле во војната во Јемен.
Регионот Валонија во Белгија, кој извезува оружје за Саудиска Арабија, по убиството на новинарот Џамал Кашоги најави дека нема да има нов договор со Саудиска Арабија.
Но, белгиските медиуми пишуваа дека оваа година од Валонија трипати е извезена воена опрема за Саудиска Арабија.