Beril Çanakcı
16 Јануари 2025•Ажурирај: 17 Јануари 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен за „Си-ен-ен“ изјави дека прекинот на огнот во Газа можел да биде постигнат порано, јавува Анадолу.
Одговарајќи на прашањето вчера за тоа дали договорот, доколку бил постигнат порано, можел да спаси многу животи, Блинкен одговори: „Дали ова можеше да се случи пред неколку месеци? Да. Можеше ли да се постигне пред неколку месеци? Да.“
Тој додаде дека одлуките на Израел и Хамас ја искомплицирале ситуацијата, но истакна дека „главно тоа е поради Хамас“, кој, како што рече, одбивал да се вклучи во изминатите месеци.
И покрај предизвиците, Блинкен потврди дека САД успеале да го поттикнат процесот и дека сега се „на прагот“ на договор.
Катарскиот премиер објави дека напорите за посредување на Доха, Каиро и Вашингтон резултирале со договор меѓу Израел и Хамас.
Договорот, чија имплементација е планирана во три фази од недела, беше одобрен вчера од страна на Хамас.
Договорот вклучува ослободување на израелските заложници во Појасот Газа и палестинските затвореници, како и спроведување на прекин на огнот во Газа.
Израел го одложи гласањето во Кабинетот за договорот денес, наведувајќи дека Хамас се повлекол од делови од договорот.
- „Доколку Нетанјаху го спречи договорот, ќе се соочи со Трамп“ -
Претседателот на Палестинската национална иницијатива, Мустафа Баргути, исто така за „Си-ен-ен“ изјави дека верува оти договорот за прекин на огнот ќе биде реализиран, но не ја исклучува можноста израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „да го саботира договорот“, како што направил четири пати досега.
„Но, овој пат многу добро знае дека доколку сака да го спречи договорот, ќе се соочи со (идниот американски претседател Доналд) Трамп“, изјави Баргути.
Тој го критикуваше Нетанјаху за одложувањето на сличен договор минатата година, за кој Баргути верува дека можел да спаси животи.
„Тажно е што овој договор можевме да го имаме уште на 3 јули минатата година“, рече тој, додавајќи дека доколку бил постигнат, „најмалку 10.000 палестински животи“ можеле да бидат спасени.
Баргути го обвини Нетанјаху за одложувањето, тврдејќи дека тоа не само што резултирало со смрт на илјадници Палестинци, туку придонело и за загубата на многу израелски животи, вклучувајќи и некои израелски затвореници „поради израелското бомбардирање“.