Ahmet Gençtürk
18 Септември 2024•Ажурирај: 19 Септември 2024
АТИНА (АА) - Вчерашните смртоносни напади со пејџери во Либан ги загрозија безбедноста и стабилноста на земјата и го зголемуваат ризикот за ескалација во регионот, изјави денес високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика, Жосеп Борел, јавува Анадолу.
Истакнувајќи дека илјадници луѓе се повредени, а стотици се во критична состојба, Борел додаде: „Нападите предизвикаа голема, неселективна колатерална штета меѓу цивилите: неколку деца се меѓу жртвите.“
Тој истакна: „Сметам дека оваа ситуација е исклучително загрижувачка. Можам само да ги осудам овие напади што ги загрозуваат безбедноста и стабилноста на Либан и го зголемуваат ризикот од ескалација во регионот.“
ЕУ ги повикува „сите засегнати страни да избегнат сеопфатна војна што би имала тешки последици за целиот регион и пошироко“, додаде тој.
Вчера експлодираа безжични пејџери во неколку области во Либан, меѓу кои и во главниот град Бејрут, а либанските медиуми сугерираа дека тоа е израелски заговор.
Либански безбедносни извори рекоа дека израелската шпионска агенција Мосад поставила експлозив во пејџерите што ги користеле припадниците на Хезболах неколку месеци пред да експлодираат.
Во пејџерите „било ставено неколку грама тешко забележлив експлозив, сместен во батеријата на начин што гарантира дека не може да биде откриен со сензори или какви било алатки за откривање експлозив“, изјави за Анадолу Мунир Шехада, поранешен координатор на либанската Влада со Мировната мисија на ОН, УНИФИЛ.
Амбасадорот на Либан во Обединетите нации, Хади Хахем, експлозиите на пејџерите ги нарече „агресија што се претвора во воено злосторство“ и предупреди дека тоа ќе го влоши конфликтот.
Израел нема коментар за експлозиите на пејџерите, а Хезболах вети дека ќе му возврати на Израел по експлозиите.
Експлозиите на пејџерите се случија во време на зголемени погранични ескалации меѓу Израел и Хезболах, кои разменуваат прекуграничен оган од почетокот на смртоносната војна на Тел Авив во Појасот Газа, во која од 7 октомври минатата година загинаа над 41.200 луѓе, главно жени и деца.