Cüneyt Karadağ
11 Мај 2022•Ажурирај: 12 Мај 2022
БЕРЛИН (АА) - Високиот претставник за надворешни односи и безбедносна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, истакна дека Турција има добри односи со Украина и Русија и дека има направено многу добра работа во овој процес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во својата изјава за весникот „Франкфуртер алгемајне“, Борел, наведувајќи дека идеални посредници во војната во Украина се Турција и Обединетите нации (ОН), нагласи: „Турција прави доста добра работа во овој процес. Има добри односи со двете страни, но се разбира, најдобро би било посредувањето да биде од ОН.“
Нагласувајќи дека ЕУ не може да биде посредник, Борел рече: „Ние не можеме да бидеме. Русија нема да нѐ прифати како посредник и ние нема да ја прифатиме Русија како посредник. Не може ниту Кина, бидејќи и таа зазема страна со Русите.“
- Ветувања за поголема поддршка на Украина -
Додавајќи дека ЕУ ќе направи повеќе отколку што правеше досега за Украина да ја добие војната, Борел рече:
„Тоа се работи како испорачување оружје на Украина, да се ослабне руската економија и да се изолира Русија на меѓународен план. Не ги разбирам оние кои велат, колку повеќе оружје ѝ давате на Украина, толку подолго ќе трае војната и толку повеќе ќе страдаат Украинците. Дури и во Европа има луѓе со таков став. Тие луѓе ги прашувам, зарем не е важно како ќе заврши војната? Дали сакаат Украинците да се предадат или да клекнат? Да бидат уништени од страна на Русите? Тоа ли се сака? Овие луѓе велат дека војната ќе заврши ако не се доставува оружје, но што по тоа? Видете, војните завршуваат со преговарање, но на преговарачка маса можеш да седнеш во силна позиција. Тоа што се прави сега е обид Украинците да се доведат на оваа позиција. За ова ќе разговараме и в четврток на состанокот на министрите за надворешни работи на Г-7 на Вајсенси, со кој во моментов претседава Германија.“
- „Потребно е решение кое одговара на сите“ -
Борел наведе дека во минатото биле доволно наивни да ѝ веруваат само на Русија за одредени прашања. „На пример, во Германија немаше ниту терминал за ТПГ. Мораме да признаеме дека направивме грешка во минатото, но сега треба да ја коригираме. Процесот ќе потрае малку подолго, но ќе се спасиме од рускиот гас.“
Посочувајќи дека никој во ЕУ не може да го запре снабдувањето со природен гас и нафта од Русија преку ноќ, Борел рече: „Земјите како Унгарија имаат логични објективни причини да кажат ‘немаме наш брег и гасовод за танкери за нафта‘. Затоа ни треба решение кое одговара на сите.“
Осврнувајќи се на откажувањето на ЕУ од мандатот за обука на Вооружените сили на Мали во регионот Сахел, Борел додаде:
„Во Сахел ние се занимаваме со (решавање) тероризам, криминал, расправии овчар-земјоделец, превирања за вештачки граници. Главната порака овде е дека не можете да го решите ова со испраќање тенкови „Леопард“. Ова е и цивилна и воена борба. Никогаш не може да ја завршите војната таму ако не го освоите мирот. Овој процес има силни политички и социјални компоненти.“