Gökhan Kurtaran
12 Мај 2021•Ажурирај: 18 Мај 2021
ЛОНДОН
Британската економија забележа пад од 1,5 отсто во првиот квартал оваа година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Заводот за национална статистика (ONS) соопшти дека британската економија во првиот квартал е намалена првенствено поради ограничувањата воведени во рамките на борбата против пандемијата на коронавирусот.
Економистите очекуваа британската економија во првиот квартал да се намали за околу 1,7 отсто.
Бруто домашниот производ (БДП) е помал за 5,9 отсто во однос на периодот пред епидемијата, февруари 2020 година.
- Силен раст во март
Британската економија се зголеми за 2,1 отсто во март 2021 година, кога беше преземен првиот чекор на постепено ублажување на карантинските мерки.
Секторот на услугите, кој претставува околу 80 отсто од британската економија, во март е зголемен за 1,9 отсто, додека преработувачката индустрија се зголеми за 2,1 отсто, а градежниот сектор за 5,8 отсто.
Главниот економист на Конфедерацијата на британската индустрија (CBI) Алпеш Палеја изјави дека и покрај тоа што британската економија забележала пад од 1,5 отсто во првиот квартал оваа година, моментално е во многу подобра ситуацијата отколку во март 2020 година.
Економистот на глобалната финансиска корпорација UBS Дин Тарнер смета дека сегашните податоци покажуваат дека економијата последниот карантин го претрпела многу подобро отколку што се очекувало, што секако влева оптимизам.
Британската економија минатата година поради пандемијата на коронавирусот претрпе пад од 9,8 отсто.
Англиската банка (BoE) минатата недела објави дека се очекува економијата на земјата да се зголеми 7,25 отсто во 2021 година.