Alma Çekovic
20 Јануари 2016•Ажурирај: 21 Јануари 2016
ЛОНДОН (АА) - Британската полиција испита десетгодишно муслиманско момче откако по грешка напишало дека живее во „терористичка куќа” наместо во „куќа со тераса”, пренесува Anadolu Agency (AA).
Момчето, грешката ја направило за време на часот по англиски јазик во основно училиште во Ланкашир, во северозападна Англија.
Неговите наставници не сфатиле веднаш дека станува збор за правописна грешка, па во согласност со законот кој ги обврзува училиштата активно да работат на превенција на радикализацијата на децата, случајот го пријавиле во полиција.
Полицијата во Ланкашир веќе следниот ден дошла во домот на тоа момче, каде го прегледала семејниот лаптоп.
Од полицијата, потоа, соопштија дека случајот е препуштен на социјалната служба и дека немало потреба од вклучување на службата за антитероризам.
Како што пренесува "The Guardian", семејството на момчето кажало дека инцидентот ги шокирал и дека бараат од полицијата и од училиштето да се извинат.
„Можете да замислите тоа да му се случи на 30-годишен човек, но не и на 10-годишно момче. Доколку наставникот бил загрижен, можел да се загрижи и околу неговиот правопис. Не требаа детето на ваков начин да го третираат. Сега се плаши да пишува и да ја користи својата фантазија”, изјави роднина на момчето.