Ahmet Gürhan Kartal
03 Април 2019•Ажурирај: 04 Април 2019
ЛОНДОН (АА) - Британскиот министер за Велс, Најџел Адамс, поднесе оставка од Владата и Конзервативната партија, поради несогласувањето со последната стратегија за Брегзит на премиерката Тереза Меј, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мора да го спроведеме Брегзитот за кого луѓето гласаа“, изјави Адамс, критикувајќи ја одлуката на Меј за започнување преговори со лидерот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин за излегување од ќор-сокакот за Брегзит.
„Мора да ја спречиме катастрофата на владата на Корбин“, изјави тој во своето писмо за оставка.
„Се плашам дека сега сме во ризик за истовремен неуспех“, додава Адамс.
Тој изјави дека легитимизирањето и свртувањето кон Џереми Корбин за помош во оваа клучна фаза, наместо да се биде храбар, претставува сериозна грешка.
Бранејќи го ставот за заминување на Велика Британија од ЕУ без договор, Адамс изјави: „Излез без договор е подобар отколку лош договор“.
„Сега изгледа дека вие и вашиот кабинет одлучивте дека договорот - подготвен со марксист, кој никогаш порано во својот политички живот не ги ставил британските интереси на прво место - е подобар од никаков договор“, рече тој.
Меј денес, по 7-часовен состанок на Кабинетот, рече дека ќе започне разговори со Корбин за да се пронајде начин да се извлечат од безизлезната состојба за Брегзит.
Откако го продолжија првиот рок за Брегзит за 12 април, британската премиерка Тереза Меј, исто така, изјави дека ќе ѝ треба дополнително кратко продолжување на рокот од страна на ЕУ.
„Денес преземам акција за излез од овој ќор-сокак: Предлагам да седнеме со лидерот на Лабуристичката партија и да се договориме за планот до кој и двете страни ќе се држиме, и да се осигураме дека ќе ја напуштиме Европската Унија и дека ќе го направиме тоа со договор“, изјави Меј.
Таа нагласи дека потребен е фокус на идните односи со ЕУ.
„Идеалниот исход од овој процес би бил да се договориме за пристап кон Идните односи, кој јас и лидерот на опозицијата ќе го доставиме до Парламентот за одобрување, и кој наредната недела би го пренела во Европскиот совет, закажан за 10 април“.
Премиерката додаде дека доколку не може да се постигне унифициран пристап, тогаш ќе се согласат со неколку опции за идните односи што би можеле да го доставиме во Парламентот за гласање, за да одредиме кој правец да го следиме.
Се очекува Меј и Корбин денес да започнат со преговорите за Брегзит.