Burak Bir
10 Април 2026•Ажурирај: 10 Април 2026
Европа мора да признае дека треба да преземе поголем дел од „тешкиот товар“ за сопствената безбедност, изјави денес британскиот министер за одбрана, во услови на дебата за улогата на НАТО по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, јавува Анадолу.
Во својот говор на Лондонската конференција за одбрана, дводневен годишен настан посветен на одбраната и безбедноста, Џон Хили ги повтори придобивките и заложбите кон НАТО за двете страни на Атлантикот.
На прашањето за континуираните критики на Трамп кон сојузниците во НАТО и неговото преиспитување на улогата на Алијансата, Хили одговори дека „вистинската сила“ на сојузот е групата земји која е доволно подготвена да дејствува.
„Би им го пренел на Американците она што тие ни го зборуваат нам“, изјави министерот за одбрана, цитирајќи ги американските барања Европјаните да ги зголемат напорите во безбедноста и лидерството во однос на Украина.
„Ние го правиме тоа“, рече тој и додаде: „Европа мора да признае дека треба да преземеме поголем дел од тешкиот товар за сопствената безбедност“.
Тој ги даде овие изјави во време на тензии откако Трамп ги нападна земјите од НАТО поради одбивањето да учествуваат во напорите за обезбедувањето на Ормускиот Теснец како и поради ограничувањето на пристапот до одредени бази за време на американско-израелската војна против Иран.
„НАТО не беше таму кога ни беше потребен, и нема да биде таму ако ни затреба повторно“, напиша Трамп на својата социјална платформа „Чрут сошал“ (Truth Social) вчера, по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Европските земји, пак, посочија дека Трамп не се консултирал со нив пред да ја започне војната и дека САД не биле нападнати, што би можело да го активира Членот 5 од Повелбата на НАТО.
САД и Иран во вторникот вечерта ја соопштија одлуката за двонеделен прекин на огнот, со посредство на Пакистан, како чекор кон можен поширок договор за прекин на конфликтот што го започнаа Вашингтон и Тел Авив против Техеран на 28 февруари.