Ömer Tuğrul Çam,Şenhan Bolelli
29 Јуни 2022•Ажурирај: 30 Јуни 2022
МАДРИД (АА) - Британскиот премиер Борис Џонсон истакна дека рускиот претседател Владимир Путин ќе види „повеќе НАТО“ на западната граница на неговата земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Џонсон даде изјава за медиумите пред почетокот на Самитот на НАТО во Мадрид, Шпанија.
Наведувајќи дека Путин се надеваше дека ќе види помалку НАТО на западните граници по рускиот напад на Украина, Џонсон рече: „Ама, целосно погреши. Путин сега ќе види повеќе НАТО.“
Џонсон, нагласувајќи дека Самитот на НАТО во Мадрид е историски од многу аспекти, додаде: „Ќе имаме две нови членки, Финска и Шведска. Ова е голем чекор за нашата алијанса.“
Џонсон, наведувајќи дека на Самитот ќе донесат одлука за поголема поддршка на Украина, рече дека ќе ја зајакнат одбраната на НАТО.
- Шпанија: „Време е за единство“
Шпанската министерка за одбрана, Маргарита Роблес, одговараше на новинарски прашања во Медиумскиот центар на саемот ИФЕМА, каде што се одржува Самитот.
Во врска со трилатералниот Меморандум потпишан вчера, Роблес рече: „Го поздравуваме укинувањето на ветото од страна на Туркије. Шпанија е земја која има систем за противракетна одбрана „Патриот“ во Туркије. Ја почитуваме позицијата на секоја земја, но вчера се направи голем напор да се пренесе пораката за единство. Време е за единство.“
Нагласувајќи дека како Шпанија, напорите на Туркије, Финска и Шведска ги оценуваат како многу позитивна вест, Роблес рече: „Шпанија е особено задоволна што овој договор е постигнат во Мадрид.“