Mehmet Nuri Uçar
16 Јули 2022•Ажурирај: 17 Јули 2022
РИЈАД (АА) - Бројни арапски лидери кои ќе присуствуваат на самитот во Џеда, на кој ќе биде и американскиот претседател Џо Бајден, стигнаа во Саудиска Арабија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што наведува официјалната новинска агенција на Саудиска Арабија (SPA), во оваа земја, меѓу другите, допатуваа премиерот на Ирак, Мустафа ал-Кадими, претседателот на Египет, Абдел Фатах ал-Сиси, претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Мухамед бин Зајед ал-Нахјан, јорданскиот крал Абдула II и емирот на Катар, Тамим бин Хамад ал Тани.
Високите функционери на аеродромот во Џеда лично ги пречека саудискиот престолонаследник Мохамед бин Селман.
Ирачкиот премиер и египетскиот претседател имаа состанок со американскиот претседател Бајден пред денешниот самит.
Бајден ќе присуствува и на „Самитот за безбедност и развој“, на кој се повикани бројни арапски лидери.
Се очекува Бајден во текот на состанокот со арапските лидери во Саудиска Арабија да ги убеди сојузниците на Вашингтон во Заливот да произведуваат повеќе нафта.
Советникот на САД за национална безбедност, Саливан, во петокот рече дека Бајден на самитот ќе ја изложи својата визија и стратегија за американскиот ангажман на Блискиот Исток.
„Тој планира да осигури дека на Блискиот Исток нема вакуум што Кина и Русија би можеле да го пополнат“, рече Саливан.
Американскиот претседател Бајден е во посета на Саудиска Арабија по првпат откако ја презеде должноста на 20 јануари 2021 година. Бајден е првиот американски претседател кој дошол директно од Тел Авив во Саудиска Арабија по одлуката на администрацијата на Ријад да го отвори воздушниот простор за сите цивилни летови, вклучувајќи ги тука и летовите од Израел.
Американскиот лидер во петокот, во текот на официјалната посета на Саудиска Арабија се состана со кралот Селман бин Абдулазиз ал Сауд. Двајцата лидери разговараа за начинот на јакнењето на билатералните односи и соработка за доброто на двата народи и доследно на историските врски што ги негуваат.
На состанокот присуствуваа и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Селман и американскиот државен секретар Ентони Блинкен и советникот за национална безбедност на САД Џејк Саливан.
Американскиот претседател Бајден одвоено се состана и со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Селман.
Бајден во рамките на турнејата на Блискиот Исток претходно ги посети Израел и Палестина.