Ekipa
03 Јануари 2023•Ажурирај: 05 Јануари 2023
МЕКСИКО СИТИ (АА) - Бројот на загинати во нападот во казнено-поправниот дом во североисточниот мексикански град Сиудад Хуарез, кој се случи викендов, се искачи на 19, изјави министерот за одбрана Луис Кресенсио Сандовал, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сандовал извести за новиот број на загинати на прес-конференција, соопштувајќи дека се убиени 10 затвореници, седум чувари и двајца од напаѓачите.
Првично, властите во државата Чивава соопштија дека 14 лица загинале, а 13 се повредени.
Министерката за безбедност Роса Ичела Родригез во меѓувреме потврди дека избегале 25 затвореници, меѓу кои и озлогласениот криминален водач Ернесто „Ел Нето“ Пињон.
Според извештаите, „Ел Нето“ заедно со другите затвореници уживал посебен третман во затворот и ВИП ќелии опремени со телевизори и друг луксуз.
Властите известија дека повеќе од половина милион долари биле пронајдени во ќелијата на „Ел Нето“, водачот на криминалната банда „Лос Мексиклс“.
Запленети се и повеќе видови дрога, од кои 285 кеси „кристал мет“, 38 кеси кокаин, 68 кеси марихуана, 1,5 килограм хероин и осум таблети фентанил.
Во неделата, тешко вооружени напаѓачи со оклопни возила пристигнаа во затворот околу 7 часот по локално време и отворија оган врз чуварите.
Сандовал рече дека затворот е преполн, додавајќи дека е издадено барање за преместување на затворениците од затворот.
Тој додаде дека 90 припадници на Националната гарда и 120 припадници на Армијата се распоредени да ги лоцираат избеганите затвореници.
Насилството во Сиудад Хуарез, кој се наоѓа преку границата со Ел Пасо, Тексас, САД, продолжи непрекинато, со напади на криминалните групи кои сакаат да ја преземат контролата врз градот.
На 11 август минатата година, бунт во истиот затвор се прошири на улиците на градот, при што криминалците користеа огнено оружје и молотови коктели за да нападнат цивили и локални бизниси.
Во нападот загинаа 11 лица, меѓу кои и едно четиригодишно момче.