Burç Eruygur
04 Септември 2024•Ажурирај: 05 Септември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Бројот на загинати во рускиот ракетен напад вчера врз градот Полтава во Централна Украина се искачи на 53, соопшти денес Службата за итни случаи на земјата, јавува Анадолу.
„Педесет и три лица загинаа во непријателскиот напад врз образовна институција во Полтава. Повредени се 271 лице, спасени се 25 лица, од кои 11 се извадени од урнатините“, соопшти украинската Државна служба за вонредни состојби (ДСНС) на Телеграм.
Во соопштението се наведува дека под урнатините можеби сѐ уште се наоѓаат до пет лица.
Подоцна ДСНС соопшти дека бројот на повредени се искачил на 298.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски доцна синоќа изјави дека во нападот загинале 51 лице.
Првично Зеленски на Телеграм рече дека во нападот загинале 41 лице, а над 180 се повредени, цитирајќи ги прелиминарните извештаи.
Зеленски рече дека два балистички проектила погодиле зграда на Воениот институт за комуникации и болница во близина.
Гувернерот на Полтава, Филип Пронин, на Телеграм изјави дека во регионот е прогласена тридневна жалост.
Руските власти сѐ уште не го коментираа нападот.