Eşref Musa,Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmad Wais
13 Април 2020•Ажурирај: 14 Април 2020
ИДЛИБ (АА) – По прекинот на огнот во Идлиб, што стапи на сила на 6 март, 109.714 раселени цивили, кои избегаа од нападите на Башар ал Асад и неговите поддржувачи, се вратија во своите домови, пишува Агенција Анадолија (АА).
Останатите цивили чии домови се наоѓаат на територијата под контрола на режимот, останаа во камповите на границата Сирија-Турција.
Шефот на Координацијата за дејствување во Сирија, Мухамед Халај, во изјавата за дописникот на АА рече дека некои од раселените цивили како резултат на прекинот на воените операции од страна на режимот на Асад и неговите поддржувачи се вратиле во своите домови.
„Повеќе од 1 милион цивили се раселени од октомври минатата година. 109.714 цивили, од околу 19.500 семејства, се вратија во своите населби во Идлиб и неговите рурални области и во Алепо за околу 40 дена по примирјето“, нагласи Халај.
Потсетувајќи дека армијата на режимот на Асад и терористичките групи поддржани од Иран под контрола зеле големи цивилни населби, Халај рече дека стотици илјади цивили не сакаат да се вратат во областите кои се под контрола на режимот на Асад и дека тие ќе продолжат да живеат во камповите на граничната линија Турција-Сирија.
„Враќањето на цивилите од камповите на граничната линија, од областите на „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“, по прогласувањето на примирјето продолжува. Сѐ додека авионите не полетуваат за да бомбардираат, цивилите ќе продолжуваат да се враќаат во своите домови“, додаде Халај.
- Последна ситуација во деескалациската зона во Идлиб -
Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое е најмногу напаѓано од страна на режимот.
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за четири деескалациски зони во Идлиб и соседните провинции (Латакија, Хама и Алепо).
Но режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.
Стотици илјади цивили кои избегаа од нападите, мигрираа кон местата близу границата со Турција.
Исто така, нападите продолжија извесно време и по Договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година од страна на Русија и Турција.
Од потпишувањето на Договорот меѓу Русија и Турција на 17 септември 2018 година, до овој момент, од нападите на режимот и Русија во деескалациската зона во Идлиб животот го загубија повеќе од 1.800 цивили.
Бројот на мигранти што избегаа од местата на кои се спроведуваат интензивни напади кон релативно побезбедни места во близина на границата со Турција и во областите ослободени од операциите „Маслинова гранка“ и „Штитот на Еуфрат“, за една година достигна 1 милион 942 илјади.
Во соопштението на Министерството за национална одбрана на Турција од 10 јануари, се истакна дека Турција и Русија се согласиле за прекин на огнот кој ќе започне на 12 јануари 2020 година во 00:01 часот. Но, режимот на Асад и неговите сојузници ги продолжија своите напади во Идлиб, игнорирајќи го прекинот на огнот. По тоа претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател во Москва на 5 март обезбедија нов договор. Последниот договор за прекин на огнот стапи на сила на 6 март 2020 од 00:01 часот.
И покрај повремените повреди од режимските сили, прекинот на огнот во голема мера се почитува.