Betül Yürük
13 Февруари 2019•Ажурирај: 14 Февруари 2019
ЊУЈОРК (АА) - Венецуелскиот министер за надворешни работи, Хорхе Ареаса, изјави дека народот на Венецуела веќе сега се соочува со бројни потешкотии и предизвици поради американските санкции, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ако Соединетите Американски Држави одат понатаму, рацете на Трамп би можеле да бидат извалкани со крв“, рече Ареаса на прес-конференцијата во седиштето на Обединетите нации (ОН) во Њујорк.
Тој ги обвини САД дека прават обиди да изведат пуч во Венецуела, додавајќи дека Вашингтон ја сака нафтата, златото и минералите на неговата земја.
Ареаса истакна дека Венецуела не дозволила достава на хуманитарната помош што ја испратија САД поради тоа што, како што рече, не верува дека Вашингтон навистина сака да помогне.
„Да бидеме чесни, зарем навистина сакаат да ни помогнат?“, запраша венецуелскиот министер за надворешни работи.
Апелираше на укинување на санкциите кон неговата земја и додаде дека во Венецуела не постои хуманитарна криза.
„Во Венецуела нема хуманитарна криза, имаме економија која е под ембарго“, рече Ареаса и порача дека се подготвени да седнат на маса со опозицијата и да разговараат.
Предупреди дека состојбата во Венецуела може значително да се влоши доколку САД продолжат да се мешаат во политичките прашања во оваа земја.
„Она што се случи во Виетнам ќе се случи и во Венецуела. Само американскиот народ може да го сопре лудилото на Трамп“, рече Ареаса пред новинарите.