Gözde Bayar
02 Јануари 2023•Ажурирај: 03 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Венецуелскиот претседател Николас Мадуро изјави дека е подготвен да работи на нормализирање на односите со Соединетите Американски Држави (САД), и покрај континуираните санкции кои ја осакатуваат Венецуела, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Венецуела е подготвена, целосно подготвена, да преземе чекори кон процес на нормализација на дипломатските, конзуларните и политичките односи со сегашната администрација на САД, и со администрациите што ќе дојдат“, рече Мадуро во интервју емитувано на венецуелската државна телевизија.
Мадуро го изјави ова откако опозицијата во јужноамериканската држава гласаше за распуштање на „привремената Влада“ предводена од Хуан Гваидо, која беше признаена од многу земји, вклучително и од САД.
Мадуро ги прекина односите со Вашингтон во 2019 година, кога администрацијата на тогашниот претседател Доналд Трамп го призна Гваидо за „привремен претседател“ на Венецуела.
САД започнаа серија санкции против Венецуела, вклучително и ембарго за нафта, за да го принудат Мадуро да ја напушти функцијата.
„Подготвени сме за дијалог на највисоко ниво, за односи на почит, и посакувам во САД да влезе зрак светлина, да ја свртат страницата и да ја остават својата екстремистичка политика настрана и да дојдат до попрагматични политики со почит кон Венецуела“, рече тој.
Венецуелската опозиција во петокот гласаше за распуштање на привремената Влада предводена од Хуан Гваидо, кој се самопрогласи за привремен претседател во 2019 година за да го собори реизбраниот претседател Мадуро и имаше поддршка од многу латиноамерикански и западни земји, особено од САД.