Burç Eruygur
29 Мај 2025•Ажурирај: 30 Мај 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Висок руски претставник денес изјави дека турската метропола Истанбул станува „главна платформа“ за преговори меѓу Москва и Киев, каде што претходно овој месец двете земји имаа први директни преговори по три години, јавува Анадолу.
„Истанбулската платформа станува главна платформа за водење преговори во сите области - во врска со Црно Море, договорот за Црно Море, договорот за жито, а сега и руско-украинските преговори“, изјави секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу, за време на состанокот со генералниот секретар на Советот за национална безбедност на Турција, Окај Мемиш, објави руската државна новинска агенција Тасс.
Понатаму се вели дека Шојгу му се заблагодарил на раководството на Турција за обезбедувањето платформа за одржување директни преговори меѓу Русија и Украина.
„Знаеме дека Анкара вложи значителни напори, вклучително и во однос на осигурувањето безбедност, со цел да создаде оптимални услови за работа на делегациите“, истакнува Шојгу.
Русија и Украина на 16 мај одржаа први директни преговори по три години во турската метропола, каде што двете страни се согласија за размена на затвореници од голем обем, од вкупно 1.000 лица од секоја страна.
Двете страни за време на преговорите олеснети од Турција, исто така, се согласија да продолжат со преговорите за примирје.