БЕРЛИН (AA) - Во Берлин се одржува Самитот на кој се собраа светските лидери за да разговараат за воспоставување трајно примирје и изнаоѓање политичко решение за повеќегодишната криза во Либија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Домаќините на Самитот, германската канцеларка Ангела Меркел и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги дочекаа учесниците на Самитот на влезот во седиштето на германската Влада.
На конференцијата учествуваат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Русија, Владмир Путин, францускиот претседател Емануел Макрон и премиерите на Велика Британија и Италија, Борис Џонсон и Џузепе Конте.
Непосредно пред почетокот на Самитот, турскиот претседател Ердоган и рускиот претседател Путин одржаа билатерална средба, а Ердоган одделно се состана и со шефот на меѓународно признаената Влада на национално единство на Либија, Фајез ал Сарај, кој утрово ја повика меѓународната заедница да преземе поголема одговорност и да ги запре нападите на баронот на војната, Калифа Хафтар.
На конференцијата во Берлин учествуваат и Ал Сарај и водачот на пучистите, Хафтар.
Најавено е и доаѓање на претседателот на Египет, Абдел Фатах ал Сиси и шефот на дипломатијата на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), шеикот Абдула бин Зајед бин Султан Ал Нахјан.
Либија е упориште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година и соборувањето на Муамер Гадафи од власта. Оттогаш траат тензиите во двата спротивставени табори. Владата на национално единство со седиште во Триполи ја има поддршката од Обединетите нации и меѓународната заедница, додека Калифа Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои главно ги поддржуваат Египет и ОАЕ.
Сепаратистичките сили на Хафтар од април минатата година изведуваат напади со цел заземање на Триполи.
На повик на лидерите на Турција и Русија, Ердоган и Путин, во Либија на 12 јануари е воспоставено примирје.
Мировните преговори минатата седмица во Москва не резултираа со потпишување договор за трајно примирје, бидејќи преговорите ги напушти водачот на пучистите, Хафтар.