Fuat Kabakcı
02 Април 2021•Ажурирај: 03 Април 2021
АНКАРА (АА) - Најмалку 48 лица загинаа, а 118 се повредени во несреќата што се случи откако воз излета од шините на подрачјето на Хуалиен, на источниот дел на Тајван, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Новинската агенција на Тајван (CNA), повикувајќи се на извори од пожарникарската управа, објави дека во возот со осум вагони, се наоѓале околу 350 патници. Наведоа и дека возот при влез во тунелот на подрачјето на Хуалиен, удрил во камион кој не бил прописно паркиран и дека во кобниот момент излетал од пругата.
Поради ударот, првите пет вагони изгубиле контрола и удриле во ѕидот на тунелот. Причинета е голема материјална штета, а во тек се акциите за спасување.
Локалните медиуми наведуваат дека бројот на мртви е зголемен на 48, а повредени се 118 патници. Меѓу повредените, седум лица се во тешка здравствена состојба.
Официјалните претставници се сомневаат дека возачот на камионот со дигалка не ја повлекол рачната кочница.
Претседателката на Тајван, Тсаи Инг-Вен, побара од надлежните институции да ги извршат сите неопходни активности во врска со овој случај.
Железничката несреќа се случи ден пред празничниот викенд, кога многу луѓе патуваат на семејни собири.