Rabia Ali
04 Април 2023•Ажурирај: 04 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку едно лице загина, а 30 други се повредени кога воз излета од шините во Холандија откако утринава се судри со градежен кран, соопштија локалните медиуми и службите за итни случаи, пренесува Анадолу.
Во двокатниот воз имало околу 50 луѓе, изјавија холандските служби за итни случаи за локалните медиуми. Се истакнува дека многу од повредените се во тешка состојба.
Инцидентот се случил во 3:25 часот по локално време во селото Ворсхотен во близина на Хаг.
Два вагони од ноќниот воз што се движел од градот Лајден кон Хаг излетале од шините, а бил пријавен и пожар во задниот вагон, но подоцна бил изгаснат, според локалната новинска агенција АНП.
Холандскиот премиер Марк Руте преку објава на Твитер изрази сочувство и рече дека неговите мисли се со семејствата и со жртвите.
Железничките служби рекоа дека се откажани возовите што сообраќаат од Лајден Сити до Хаг.