Ahmet Karaahmet,Mehmet Burak Karacaoğlu
18 Јануари 2021•Ажурирај: 19 Јануари 2021
ИДЛИБ (АА) – АХМЕТ КАРААХМЕТ/ БУРАК КАРАЏАОГЛУ -
Поројниот дожд што започна да паѓа на полноќ во Идлиб, Сирија, и што сè уште трае, го поплави кампот со 110 шатори каде што престојуваат 50.000 цивили.
Поројниот дожд што паѓаше цела ноќ, ги погоди раселените лица што се засолнети во кампот.
Али Хамаде, кој избега од нападите на режимот на Асад и се смести во кампот „Кеферарук“ во Идлиб, во изјавата за дописникот на АА рече дека веќе 9 години секоја зима ја претрпуваат истата мака.

„Ја напуштивме нашата куќа, нашата земја, изнајмивме земјоделско земјиште за да го поставиме нашиот шатор. Но никој не нè поддржува“, рече Хамаде.
Истакнувајќи дека се обидуваат да ја извадат дождовната вода од шаторите, Хамаде рече: „Дождот продолжува да врне, нема каде да одиме, нашите шатори се под вода.“
- „Не ни остана облека, немаме ќебе под кое може да се згрееме“
Жителката на кампот, Нисрин Кадоур, дијабетичарка и мајка на 5 деца, рече дека целото семејство морало да излезе од шаторот бидејќи се наполнил со вода.

„Сите наши работи останаа под вода, веќе немаме ни облека. Немаме ни ќебе со кое може да се покриеме, моите деца се разболеа“, нагласи Нисрин Кадоур.

Истакнувајќи дека нема каде да одат, Кадоур ги повика хуманитарните организации да помогнат.
Шефот на Координацијата за дејствување во Сирија, Мухамед Халаџ, истакна дека повеќе од 108 шатори се оштетени во последните 48 часа како резултат на обилните дождови во селата Идлиб и Алепо.