Alperen Aktaş
26 Мај 2025•Ажурирај: 26 Мај 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Во израелски воздушен напад во зори врз училиште во населбата Aл-Дараџ во градот Газа се убиени најмалку 25 лица, а многу повеќе се повредени, јавува Анадолу.
Нападот го целел училиштето „Фахми ал-Џарџави“, каде што се сместени лицата кои нашле засолниште од тековните израелски бомбардирања, соопштија телевизијата Ал-Акса и други локални извори, опишувајќи го нападот како „масакр“.
По бомбардирањето, пожар ги зафатил шаторите.
Видеоснимките од очевидци кружат на интернет, а на нив се гледаат изгорени тела, многу од нив деца, и плач додека пламенот ја проголтува нивната околина.
„Од местото се гледаа и слушаа изгорени трупови и вресоци на раселените лица зафатени од пламенот“, се истакнува.
Израелската Армија, отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, спроведува брутална офанзива во Газа од октомври 2023 година, во којашто убиени се повеќе од 53.900 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.