Zeynep Hilal Karyağdı Duran
25 Септември 2022•Ажурирај: 26 Септември 2022
РАМАЛА (АА) - Околу 30 палестински затвореници во израелскиот затвор Офер започнаа штрајк со глад во знак на протест против практиката на „административен притвор“, известува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот на Здружението на палестински затвореници, Кадура Фарис, одржа прес-конференција во близина на затворот Офер, во окупираниот град Рамала на Западниот Брег.
Објавувајќи дека 30 палестински членови на Народниот фронт за ослободување на Палестина (PFLP) во затворот Офер започнале штрајк со глад на неопределено време во знак на протест поради „административниот притвор“ и повторно продолжениот притвор, Фарис ја прочита заедничката изјава на затворениците.
„Започнуваме штрајк со глад како дел од нашата постојана борба за живот. Нашата борба е против политиката на административен притвор. Се надеваме дека сите административни затвореници ќе учествуваат во оваа борба“, истакна Фарис.
Тој рече дека разговарале со израелската администрација за затвори.
„Израелските власти бараа штрајкот да се одложи до среда, 28 септември, за да се одговори на барањата на затворениците. Меѓутоа, затворениците рекоа дека одговорот може да се даде и во текот на штрајкот“, посочи Фарис.
Според палестинските проценки, во израелските објекти за притвор се наоѓаат околу 4.700 Палестинци, вклучувајќи и 32 жени, 170 малолетници и речиси 640 лица кои се задржани во согласност со израелската политика на „административен притвор“ без обвинение или судење.
Во „административен притвор“, Израел може да ги притвори Палестинците во период од 1 до 6 месеци.
Доколку се утврди дека притвореникот е „опасен за безбедноста на Израел“, воениот судија може да го продолжи притворот до 5 години, а притоа да не започне кривична постапка.
Палестинците во израелските затвори сè почесто се одлучуваат на штрајк со глад барајќи подобри услови или праведно судење, со што го доведуваат во прашање своето здравје.