Dilara Karataş
23 Октомври 2023•Ажурирај: 24 Октомври 2023
ГАЗА (АА) - Во израелските напади врз блокираниот Појас Газа од 7 октомври досега загинаа 23 новинари, јавува Анадолу.
Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) изјави дека израелско-палестинскиот конфликт сериозно ги погодил новинарите. Тие истакнаа дека новинарите кои се обидуваат да ја исполнат својата должност, известувајќи за нападите во Газа, се соочени со сериозна опасност.
Оттаму потврдија дека од 7 октомври досега загинале 23 новинари. Наведено е дека меѓу загинатите новинари 19 се Палестинци, тројца Израелци и еден Либанец.
Во нападите се повредени осум новинари, а тројца се водат за исчезнати.
Координаторот на CPJ за Блискиот Исток и Северна Африка, Шериф Менсур, рече дека „новинарите се цивили кои вршат важна работа во време на криза и не треба да бидат цел на завојуваните страни.“
Менсур истакна дека новинарите од целиот свет направиле големи жртви да известуваат за конфликтот и дека безбедноста на новинарите мора да се обезбеди.
Израелската армија продолжи со интензивните воздушни напади врз Газа во кои уништи цели населби.
Најмалку 5.087 Палестинци, вклучувајќи 2.055 деца, загинаа во израелските напади врз Газа.
Околу 1.500 лица, меѓу кои 830 деца, сè уште се заробени под урнатините.
Израел започна со бомбардирање на Газа по ненадејниот напад на Хамас на 7 октомври, и ја стави целата енклава под блокада, оставајќи ги нејзините 2,3 милиони жители со малку храна, вода, гориво и медицински материјали.