Qais Omar Darwesh Omar,Zeynep Hilal Karyağdı Duran
17 Октомври 2023•Ажурирај: 18 Октомври 2023
ГАЗА (АА) - Уште еден новинар е убиен во израелските воздушни напади врз блокираниот Појас Газа, пренесува Анадолу.
Според информациите добиени од локални извори, израелски воени авиони ја погодиле куќата на палестинскиот новинар Мохамед Балуше во регионот Ас-Сафтави, во северниот дел на Газа.
Потврдено е дека репортерот на каналот „Палестина ал-Јевм“, Балуше, го изгубил животот и дека повеќе лица се повредени во нападот.
Бројот на новинари убиени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври се искачи на 13.
Според последните информации, најмалку 2.848 Палестинци, меѓу кои 750 деца, се убиени во израелските воздушни напади во Газа, соопшти Министерството за здравство на Газа.
Газа се соочува со хуманитарна криза без струја, а останува и без вода, храна, гориво и медицински материјали. Цивилите бегаат на југ по израелското предупредување да ги евакуираат северните подрачја.
Борбите започнаа кога Хамас презеде повеќекратни ненадејни напади на 7 октомври, со голем број ракетни напади и упади во Израел по копно, море и воздух. Хамас рече дека операцијата била одмазда за претходните рации во џамијата „Ал Акса“ и зголемувањето на насилството од израелските доселеници.
Израелската војска како одговор започна операција против позиции на Хамас во Појасот Газа.
Во конфликтот се убиени повеќе од 1.400 Израелци.