Halime Afra Aksoy,Fayez Abdulsalam
11 Декември 2023•Ажурирај: 12 Декември 2023
ГАЗА (АА)
Во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври загинаа 17.997 палестински цивили, јавува Анадолу.
Само во последните 24 часа загинаа 297 Палестинци.
Ашраф ал Кудра, портпарол на Министерството за здравство во Газа, изјави дека бројот на убиените цивили достигнал 17.997.
Тој истакна дека од 7 октомври во израелските напади биле повредени 49.229 цивили.
Повеќе од два месеца Газа е под силно бомбардирање од страна на израелската армија.
- Израелски напади на Појасот Газа
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври.
На 24 ноември, во 07:00 часот по локално време, стапи на сила четиридневната хуманитарна пауза договорена меѓу Хамас и Израел, која потоа беше продолжена за уште три дена.
На 1 декември (петок), по завршувањето на хуманитарната пауза, израелската војска продолжи со своите интензивни напади низ Појасот Газа.
Од почетокот на израелските напади на Појасот Газа на 7 октомври досега се убиени приближно 18.000 Палестинци, а ранети се над 49.229 лица, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.