Ekipa
30 Октомври 2019•Ажурирај: 31 Октомври 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Мухсин Месудијан Рад, генералниот директор на Хуманитарната организација „Имам Хомеини“ во Иран, истакна дека сиромаштијата во земјата достигнала алармантни димензии, пренесува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи за Иранската студентска новинска агенција ИСНА (ISNA), Месудијан Рад истакна: „Статистичките бројки за растот на сиромаштијата станаа алармантни. Се соочуваме со сериозни социјални проблеми како што се сиромаштијата, стареењето на општеството и порастот на разликите помеѓу класите.“
Посочувајќи дека во борбата против сиромаштијата не им се доделени функции на експертите од таа област, Месудијан Рад рече дека тоа довело до комплицирање на проблемот и дека експертите кои не виделе сиромаштија се несоодветни да придонесат за решавање на проблемот.
Месудијан Рад во својата изјава за ИСНА не даде информации за статистичките бројки во врска со сиромаштијата.
Во извештајот, објавен од Центарот за истражување на иранскиот Парламент во мај, се наведува дека 23 до 40 проценти од иранскиот народ живее во сиромаштија, а 16 проценти живее во апсолутна сиромаштија.
Покрај проблемите во администрацијата, економските санкции наметнати од САД по повлекувањето од Договорот за нуклеарната програма минатата година, предизвикаа зголемување на невработеноста и трошоците за живот во Иран.