Burak Bir
07 Февруари 2020•Ажурирај: 07 Февруари 2020
РИМ (АА) - Еден од 56-те Италијанци кои беа евакуирани од кинескиот град Вухан, е позитивен на коронавирусот, објави денеска италијанското Министерство за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Третиот случај е потврден во воениот кампус „Чечигнола“, каде што евакуираните лица беа ставени во карантин.
„Лицето кое има 30 години, веднаш е пренесено во Националниот институт за инфективни болести „Лазаро Спаланцани““, се вели во соопштението на Министерството.
Ова е прв Италијанец којшто е позитивен на вирусот.
Првиот случај со зараза со овој вирус во Италија беше потврден минатиот петок кога беа хоспитализирани двајца кинески туристи.
Како последица на зараза со коронавирусот, во Кина починаа 637 лица, а заразени се 31.161 лице.
Се вели дека вирусот се пренесува на луѓето од животни, особено од лилјаци.
Вирусот предизвика глобална загриженост, при што, покрај во Кина, се рашири во над 20 земји, вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Сингапур, Франција, Русија, Шпанија и Индија.
Многу земји ги евакуираа своите граѓани од Вухан и од други погодени подрачја на Кина, сместувајќи ги во изолирани медицински услови.