Ekip
02 Јуни 2020•Ажурирај: 03 Јуни 2020
РИМ
Во Италија денес се регистрирани 55 нови смртни случаи од последиците на Ковид-19, со што вкупниот број на починати изнесува 33.530, додека истовремено десничарската опозиција организира протести низ земјата барајќи оставка од Владата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бројот на активни случаи на заразување со Ковид-19 продолжува да опаѓа денес за 1.474 случаи, со што вкупниот број на заразени падна под 40.000 и изнесува 39.893.
Во меѓувреме, бројот на излекувани продолжува да се искачува, достигнувајќи бројка над 160.000, при што повеќе пациенти ги напуштија одделите за интензивна нега, намалувајќи го притисокот врз здравствениот систем на Италија.
Епицентарот на епидемијата во Италија останува северниот регион Ломбардија, каде досега од последици предизвикани од Ковид-19 починаа 16.143 лица, што е повеќе од половина од вкупниот број на смртни случаи во Италија.
Илјадници десничарски демонстранти излегоа на улиците во неколку италијански градови барајќи оставка на Владата која тие ја обвинуваат дека не е соодветна за справување со вонредната состојба на Ковид-19 во земјата.
Собирите беа организирани од десничарските опозициски партии за да се даде глас на, како што ја нарекоа, „земјата што не се откажува“, осврнувајќи се на италијанскиот народ, погоден од пандемијата кој се бори со драматични последици.
Ова беше прв пат да се одржи политички протест на 2 јуни, денот кога Италијанците го слават раѓањето на италијанската Република во 1946 година.
Централниот протестен собир е одржан токму во Рим, а на стотиците демонстранти им се придружија и Матео Салвини, Антонио Тајани и другите лидери на опозицијата.
Демонстрантите носеа 500 метри долго национално знаме на Италија, а владата на премиерот Џузепе Конте ја обвинуваат дека е неспособна да ги реши проблемите и да обезбеди нови работни места.
Во попладневните часови во Рим е одржан уште еден антивладин протест кој го одржаа демонстрантите во портокалови елеци, а кои ги предводи поранешниот генерал на италијанска војска Антонио Папалардо.
По пример на протестите на жолтите елеци во Франција, во Италија е покрената кампања која ги собира граѓаните незадоволни со актуелната ситуација во таа земја, но и заговорниците на теориите на заговор и кампањата против вакцинирање на децата.