Nezir Aliyev
10 Јуни 2018•Ажурирај: 11 Јуни 2018
БИШКЕК (АА) - Во почетокот на 20 век, во североисточниот дел на Киргистан, во подрачјето на езерото Исик Кул, во градот Каракол, изградена е џамија без клинци, пишува Anadolu Agency (AA).
Централната џамија „Хаџи Ибрахим“, изградена во стилот на класичната кинеска архитектура, привлекува голем интерес кај домашните и странските туристи.
Џамијата изградена со техниката „перце и жлеб“ е еднокатна и има едно минаре. Објектот е од големо значење за верскиот туризам во Киргистан.
Верниците муслимани преферираат терави молитвата, која се одржува за време на месецот на постот Рамазан, да ја извршуваат во оваа џамија поради нејзината историска структура.
Во внатрешноста на џамијата, покрај змејот, кој е дел од кинеската митологија, се наоѓаат и фигури на птицата Симург и лав.
По теророт што ја зафати Кина во 19 век, народот на Дунган е приморен да мигрира, а лидерите на оваа заедница, во 1910 година го повикале архитектот со кинеско потекло, Зоу-Су, да ја изгради џамијата „Хаџи Ибрахим“. Таа е изградена со техника на соединување на дрвото со „перце и жлеб“, без употреба на клинци, а во изградбата се користени стари дрва, смрека, брест и топола.
Регионалниот претседател на здружението „Дунган“, Анвар Наншанло, за АА изјави дека џамијата има уникатна градба. „Оваа џамија е класика на кинеската архитектура. Џамијата е изградена без да се употреби ниту еден клинец“, рече Наншанло.
Наншанло изјави дека минарето на џамијата е оштетено по пожарот кој избувнал во периодот на Советскиот Сојуз, додавајќи дека локалното население подоцна, минарето го изградило од различни видови дрво.
Потсетувајќи дека во периодот на Советскиот Сојуз, религиозните верувања биле забранети, Наншанло изјави дека џамијата „Хаџи Ибрахим“ 25 години била користена како амбар за жито, додека црквата во регионот се користела како спортско училиште.
Наншанло рече дека во годините по Втората светска војна, жителите на Дунган, побарале џамијата повторно да се приспособи за извршување верски обврски. „Населението на Дунган влезе во голем ризик. Во тоа време не беше возможно изградба на куќа, купување куќа. Населението на Дунган, со цел да ја добие џамијата која е од големо значење за него, се согласи со барањето на државата, и како гаранција ги вложи своите куќи. Џамијата ја доби во 1960 година“, зборуваше Наншанло.
Наншанло објасни дека муслиманската заедница од централниот дел на Кина мигрирала во Средна Азија пред 140 години, а името Дунган во превод значи „дојден од исток“.
Во Кина, како што информираше Наншанло, има околу 3,5 милиони претставници на заедницата Дунган, додека во Киргистан и Казахстан има околу 100.000 припадници на Дунган, кои главно се занимаваат со земјоделство.