Aydoğan Kalabalık
24 Февруари 2020•Ажурирај: 24 Февруари 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Претседателот на државниот Висок совет на Либија, Халид ел-Мишри, рече дека позитивно гледаат на повиците да присуствуваат на состаноците во формат 5 + 5 во Женева, чија цел е да се обезбеди постојан прекин на огнот во Либија, но дека Калифа Хафтар сè уште не ги запира нападите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференција во главниот град Триполи, Мишри истакна дека сакаат војната и хуманитарната криза во земјата да завршат.
„Од Обединетите нации (ОН) побаравме да ги одложат политичките разговори сè додека не се случи напредок во воените разговори“, нагласи Мишри.
Посочувајќи дека нема никаков напредок во разговорите во Воениот комитет, Мишри рече дека Калифа Хафтар, лидерот на нелегитимните вооружени сили на истокот на Либија, во Москва не го прифатил прекинот на огнот и дека со нападите во Триполи ја зголемил воената тензија на највисоко ниво.
Мишри рече дека нивната цел не е да се одложи војната, туку таа да заврши целосно и да престане да тече крв.
„Нашиот пристап кон повиците за враќање во преговорите е позитивен, но напаѓачите треба прво да ги повлечат своите вооружени сили. Ако не се постигне напредок во прекинот на огнот, нема да ги започнеме преговорите повторно“, истакна Мишри.
Три лица загинаа, а 5 цивили беа повредени во ракетен напад извршен од страна на силите на Хафтар врз пристаништето во Триполи на 18 февруари.
Владата за национално единство во Либија (УМХ) соопшти дека по нападот ги прекинала економските и политичките преговори, како и воените преговори во форматот 5 + 5 со Хафтар во Женева.