Talha Yavuz
23 Февруари 2022•Ажурирај: 24 Февруари 2022
КИЕВ (АА) ‒ Како резултат на отворен оган од страна на проруските сепаратисти во регионот на Донбас, загина еден украински војник, а шестмина беа повредени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Украинските вооружени сили се наведува дека проруските сепаратисти вчера 96 пати го прекршиле примирјето.
Исто така, се нагласува дека како резултат на отворениот оган од сепаратистите, загинал еден војник на Украинската армија, а шест војници се повредени.
‒ Кризата во Донбас -
Во Киев, главниот град на Украина, на 21 ноември 2013 година започнаа демонстрации откако тогашниот претседател Виктор Јанукович не го потпиша Договорот за асоцијација со Европската Унија (ЕУ).
Јанукович ја напушти земјата во февруари 2014 година, откако демонстрациите се интензивираа. Потоа проруските сепаратисти ја прогласија својата таканаречена независност во градовите Доњецк и Луганск во источниот дел на земјата.
Во судирите меѓу сепаратистите и Владата во Киев од 2014 година досега животот го загубија над 13.000 лица.